Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција нагласи дека мора сите да ги почитуваме мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот и дека мора да се навикнеме да живееме со вирусот. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести, како што рече министерот, е дека и покрај зголемениот број на новодијагностицирани случаи изминатите денови – епидемијата е под контрола.

Филипче истакна дека бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири.

– Не можеме ништо да постигнеме ако мерките кои се на сила не се почитуваат, а зголемен број на случаи може да е лошо за економијата, работните места, и секако за здравјето. Ние тоа не смееме да го дозволиме. Комисијата за заразни болести минатата недела донесе предлог план за намалување на рестриктивните мерки со соодветни протоколи за работа – – изјави министерот Филипче и додаде дека „вирусот е тука и никој од нас не е имун. Коронавирусот нема да исчезне, ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет. Тоа значи дека сите ние мора да се навикнеме да ги почитуваме сите мерки за лична заштита и да живееме со вирусот. Мора да ги вршиме сите дневни обврски, грижејќи се за своето здравје, но и за здравјето на другите“.