Здравствените власти во соработка со правници ја разгледуваат можноста јавно да објавуваат списоци на лица кои треба да бидат во самоизолација. На ваков чекор се одлучиле оти голем бил бројот на лица кои одбивале да ги примат решенијата за самоизолација.

– Ова е сериозен проблем со кој се соочуваат инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Има луѓе кои не ги примаат решенијата и од различни причини стојат зад тоа. Има луѓе кои даваат грешни адреси и телефони во анкетите во однос на контактите па инспекторите не можат да ги најдат овие лица што претставува серозен ризик. Се размислуваше и за алтернативна правна форма како овие решенија да се поделат. Една од опциите, и тоа многу бргу ќе го расчистиме, е јавно да се објави список на лица кои треба да бидат во самоизолација според Законот за управна постапка. Навистина многу време се губи во нивно делење и се загрозува јавното здравје посебно од страна на лицата кои не сакаат да излезат во пресрет и да се соработуваат со епидемиолозите и со Државниот санитарен инспекторат – рече министерот за здравство Венко Филипче.

Минатата недела помош за подготовка и делење на решенијата за изолација и самоизолација побарале од Собранието. Во пресрет им излегла правната служба која од четвртокот подготвувала и делела решенија заедно со епидемиолозите и инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.