Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство д-р Венко Филипче во видеопорака по повод една година од првиот регистриран случај на ковид-19 во Македонија вели дека здравствениот ситем покажал дека има знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја. Тој им се заблагодари на здравствените работници за кои вели дека заслужуваат цела почит и благодарност.

– Во изминатата година докажавме и покажавме дека здравствениот систем има сили, знаење и искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја на светот. Здравствените работници кои беа на првата линија на борбата против вирусот покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво и токму поради тоа, ја заслужуваат целата почит и благодарност – вели Филипче.

Тој порача дека набавката на вакцини е најголем предизвик за сите земји во светот, а околу 130 земји се уште го немаат почнато процесот на имунизација. Посочува дека се даваат максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу брзо ќе започне масовната вакцинација.

– Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Набавката на вакцини во моментов е главен предизвик за сите држави во светот, а 130 земји се уште немаат почнато со вакцинација. Ние успеавме да ја започнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани – посочува Филипче.