Откако вчера градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски соопшти дека по тестирања во приватни лаборатории увидел дека е негативен на коронавирусот, министерот за здравство, Венко Филипче рече дека тоа е поради разликата меѓу времето кога се направени тестовите. Според Филипче, Димитриевски тестовите ги направил помеѓу 17-18 денови, а потоа уште еден по 10 дена, па заклучи дека затоа бил негативен.

– Тестовите се одобрени од СЗО. Има само претпоставки после колку време од тестирањето на кој се добива позитивен резултат може пациент да се негативизира, имајќи во предвид дека не се знае колку време претходно бил носител на вирусот. Во конкретниот случај, знаеме дека разликата меѓу двата теста е 17-18 дена, со третиот тест дополнителни 10 дена, сосема доволен период за еден пациент да се негативизира – рече министерот.

Филипче посочи дека секој на кого му е дијагностициран коронавирусот, мора да седи во изолација 14 дена.

– Мерките се имплементираат за да се почитуваат, а зад секоја мерка има медицинска издржаност. 14-дена трае инкубацискиот период. Еве и ние сме негативни, јас лично немам ни решение за изолација, а седам 14 дена, бидејќи во кој било во тие 14 дена може да покаже дека е позитивен на вирусот. Во таа смисла, сметам дека апсолутно секој треба да се придржува до мерките – кажа Филипче.

Во однос на извештајот од ДСЗИ за тоа дали има одговорност кај Димитриевски бидејќи не ги информирал премиерот и министрите дека се тестирал за коронавирус, Филипче кажа дека биле утврдени низа пропусти.

– Во наодот на ДСЗИ беа констатирани низа пропусти по што тој беше пратен во МВР за понатамошно постапување. Во таа смисла, не би сакал да коментиран – рече Филипче.

Кумановскиот градоначалник вчера побара да му биде укинато решението за самоизолација од ДСЗИ, но и решенијата кои се издадени на лицата кои контактирале со него.