Министерот за здравство Венко Филипче, на вечерашната прес-конференција, која ја одржа од дома, со оглед на тоа што е во самоизолација, рече дека владините претставници кои вчера биле во Куманово воопшто немале информации дека градоначалникот и претставниците од Кризниот штаб чекаат резултати од брисот за коронавирус.

– Да знаевме, ќе се организиравме поинаку. Иако сепак, сите бевме соодветно заштитени. Но, ова е еден акт со кој покажуваме дека сите сме еднакви и дека сите треба да ги почитуваме препораките – рече Филипче.

Зошто не сме биле известени не можам да кажам, рече Филипче, прашањето треба да го упатите до претставниците од Куманово.

Во врска со новинарите кои вчера биле присутни во Куманово, министерот за здравство рече дека засега нема логика тие да прават тестови во овој момент.

– Исконтактирав со поголем дел од нив и тие ќе добијат понатамошни насоки – рече Филипче.

Вчера се одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев. Сите тие од денеска се во домашна изолација.

Во Куманово секојдневно расте бројот на новозаболени од ковид-19, а градоначалникот Максим Димитриевски упорно инстираше градот да биде во карантин, како што беше случајот со Дебар.