По објавата на фотографиите од скопски кафеани каде наместо почитување на препораките, се правеле забави без одржување дистанца, без маски и со групирање, министерот за здравство, Венко Филипче, побара Министерството за внатрешни работи да биде поинтензивно на терен и да ги санкционира прекршувањата.

Филипче рече дека ако Комисијата за заразни болести, знаела дека нема да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, тие немало да дадат препорака за отворање на угостителските објекти.

– Не е ова само на личната одговорност на граѓаните иако е еден сериозен дел од оваа работа. Здравствениот систем во однос на менаџментот на пациентите, граѓаните во однос на почитување на мерките и секако, Министерството за внатрешни работи во однос на спроведување на контролата и санкциите. Овој систем нема да успее ако било кој од овие три најважни делови потфрли во работата. Еве сега, слободни се капацитетите на Министерството за внатрешни работи, нема веќе полициски час, јас искрено верувам многу поинтензивно ќе биде на терен. Мислам дека такви слики како вчера не треба да гледаме, ниту да сме сведоци на такви сценарија во тукушто отворените угостителски објекти. Тоа не беше суштината. Да знаевме дека ќе биде така, немаше да дадеме препорака да се отворат. А ние мораме да го вратиме животот во нормала, мора секој да даде максимално се од себе, како што дадоа здравствените работници – рече Филипче.