Министерот за здравство најави дека на 28 април во Македонија ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, додавајќи дека потврдата ја добил утрово од кинеската амбасада во земјава.

– Оставаме простор од неколку дена во случај да има некакви поместувања, со оглед на тоа што се случуваше досега – изјави Филипче.

Тој додаде дека на 19 и 26 април ќе пристигнат и по 10 илјади вакцини од компанијата „Фајзер“. Станува збор за вакцини кои се добиени со директен договор на земјава со компанијата. Преку механизмот „Ковакс“ 76.000 дози на „Астра зенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.

Филипче истакна дека се планира масовна вакцинција и во повеќе градови покрај Скопје.

– Во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, кои ќе ги покријат и околните градови. Денес имам состанок со градоначалниците и со директорите на здравствените домови за да видиме во кои објекти тоа ќе се спроведува и како ќе се организира медицинскиот персонал – рече Филипче.

Министерот додаде дека изминативе неколку денови паѓа бројката на новозаболени и на хоспитализирани, и денес се очекува да биде околу 890 нови позитивни на коронавирус.


Имаме доволно вакцини, нема да нарачуваме од Србија

Македонија нема да нарачува вакцини против ковид-19 од Србија, каде на Институтот „Торлак“ вчера почна производството на вакцината „спутник В“.

– Во моментов не ни треба ниту една нова нарачка на вакцини бидејќи според планот имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини – рече министерот Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, дали ќе бидеме една од првите земји во регионот што ќе нарачаме вакцини од Србија.

Тој нагласи дека имал состанок со директорката на „Торлак“ на кој му било кажано дека покрај тоа што приоритет ќе бидат српските граѓани, дека има можност за соработка и со земјите од регионот.