Република Северна Македонија во февруари ги добива првите дози на „Фајзер“ вакцината, соопшти на социјалните мрежи, министерот за здравство Венко Филипче.

– Денеска попладне е постигнат директен договор со компанијата, а количина ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на ‘Фајзер’ ќе пристигнат во март и април – нагласува Филипче.
Тој воедно додава дека Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ, како и преку „Ковкакс“ механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.

– Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата – вели министерот кој додава и дека во текот на јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на вакцините и со тоа македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.