Прашан дали постои можност за самотестирање за коронавирус, министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција посочи дека таков тест не постои, додавајќи дека на пазарот има брзи тестови кои немаат висок степен на точност.

Тој повика граѓаните да пријават ако имаат симтоми.

– Не постои таков тест. Поприсутни се таканаречени брзи тестови, но за нив има студии и анализи дека не се со висок степен на точност. Нема потреба од самотестирање, доволно е граѓаните да пријават дека постои потреба, а епидемилозите ќе кажат дали треба или не тест – одговори Филипче.

Жителите на Дебар и Центар Жупа каде е прогласено кризно подрачје се придржуваат до мерките, соопшти министерот, потенцирајќи дека нема нарушување на јавниот ред и мир.

– Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа се спроведува добро, сите органи и тела, сите институции работат координирано, нема проблем, луѓето се мирни и се придржуваат до мерките. Нема нарушување на јавниот ред и мир. Луѓето од овој регион покажуваат висок степен на дисциплина и придржување од мерките. Можат да излезат само луѓето кои што им е индицирано болничко лекување и тоа со специјална дозвола од болницата во Дебар за што постои и лице назначено кое ги потпишува тие дозволи – додаде Филипче.

За вечер е закажана седница на Владата, на која ќе се дискутира за повеќе мерки, а Филипче најави нови информации по завршување на истата.