Министерот за здравство, Венко Филипче, беше во редовна посета на Општата болница со проширена дејност Гевгелија.

– Општата болница во Гевгелија одлично се справува во услови на коронавирус. Нема ниту еден случај на заболен од ковид-19 меѓу вработените во гевгелиската болница. Имаат добар протокол и организиран систем за работа – рече Филипче.

Болницата во Гевгелија згрижува и лекува пациенти во одделите за интернa медицина со кардиологија, физикална медицина и рехабилитација, општа хирургија, гинекологија и акушерство, радиодијагностика, неврологија; психијатрија, центар за ментално здравје, оддел за детски болести со постнатално згрижување, офталмологија, оториноларингологија, итна медицинска помош и домашно лекување, за превентивна и стоматолошка здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, патронажна служба, био-хемиско лабораториска медицина и патолошка анатомија, а во рамки на болницата функционира и болничка аптека.

Филипче кажа дека во изминатите две години во болницата во Гевгелија биле реализирани повеќе инвестиции од страна на Министерството за здравство, но и преку преку проектот „Заеднички активности за заштита и подобрување на здравјето на луѓето во прекуграничната област“ (IpA SHIELD II) со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Грција.

Во Општата болница во Гевгелија во тек е изградбата на нова хирушка сала.

– Добрата и опремена болница значи многу, како за пациентите кои се третираат од целиот овој регион, така и за здравствените работници кои заслужуваат најдобри услови за работа. Општата болница во Гевгелија покрива подарчје од околу 50.000 граѓани, а заради близината со границата со Грција често се користи за здравствена поддршка и на граничниот премин. Задоволен сум од лекарите, специјалистите и целокупниот персонал, од нивната мотивираност да направат повеќе за пациентите и јавното здравје на подрачјето на кое делуваат. Мило ми е што токму во болницата во која порано имавме недостаток, во моментот имаме 12 специјализанти, а подобрените услови во болницата, зголемените плати на лекарите специјалисти, верувам ќе бидат дополнителен мотив за нив да останат тука во болницата и да се грижат за здравјето на граѓаните – потенцираше Филипче.