Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, ги презентираше наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, коишто во периодот од 27 април до 3 мај реализираа 3.086 надзори, во насока на целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот ковид-19.

Таа кажа дека инспекторите утврдиле високо ниво на почитување на владините одлуки, мерки и препораки, а дека недоследностите соодветно се санкционираат.

Државниот пазарен инспекторат во претходно наведениот период реализираше 2.042 контроли, во трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти.

– Притоа од страна на пазарните инспектори се затворени вкупно 4 угостителски објекти во Битола, Тетово, Кочани и Кичево и се запечатени 5 кафемати во Битола, Гостивар и Македонска Каменица. При контролите извршени во Скопје, Тетово и Струга изречени се и 46 опомени за непочитување на одредбата за носење на маски во трговски објекти и банки – кажа претседателката на Инспекцискиот совет.

Филиповска-Грашкоска посочи дека инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведоа вкупно 154 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. Притоа се изречени 5 казнени мерки едукации и 12 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба или не водење на записи за добра хигиенска пракса.

– Во овој период Државниот инспекторат за труд спроведе вкупно 158 контроли при што донесени се 27 решенија и 47 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Надзорите се однесуваат на постапување на работодавачите по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни – нагласи Филиповска-Грашкоска.

Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 27 април до 3 мај направи вкупно 118 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Во целосен прекин се меѓуградските линии Скопје кон Охрид Битола, Ресен Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно, меѓународниот линиски превоз е сè уште во целосен прекин, а товарниот сообраќај се одвива без ограничувања со почитување на владините одлуки и препораки. Во истиот период Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот изврши вкупно 34 контроли, при кои е констатирано дека нема специфични отстапувања.

– Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 134 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот ковид-19. Исто така, во овој период издадени се 364 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус – рече претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.