Компанијата „Фајзер-Бионтек“ годинава на Македонија ќе ѝ испорача 800.280 дози вакцини, а испораката ќе се одвива во 4 квартали, соопшти Министерството за здравство. Првата достава ќе биде овој месец, при што ќе бидат испорачани 21.060 дози вакцини.

– Компанијата „Фајзер-Бионтек“, производител на вакцини против ковид-19, денеска до Министерството за здравство, го испрати договорот за купување вакцини. Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена да се чува 6 часа. Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација – наведуваат од министерството.