Фото: Архива

Министерството за здравство информира дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани девет пациенти (осум од Дебар и еден од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата. Целосен преглед за состојбата по градови Министерството најави дека ќе испрати дополнително бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се сè уште во тек.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во земјата денеска до 12 часот изнесува 285 лица. Излекувани се 12 пациенти, а починати седум.