ИСТРАЖУВАЊЕ „ИСКУСТВА И СТАВОВИ ЗА УЧЕЊЕТО ОД ДОМА ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-19“

Повеќе од половина од наставниците имаат ограничен пристап до опрема за реализирање на наставата на далечина. Значителен дел (41 отсто) споделуваат компјутер или лаптоп со другите членови на семејството или користат застарени машини (18 отсто), а мал процент (5 отсто) немаат воопшто уред за да работат

Повеќе од половина од наставниците се соочиле со тешкотии поврзани со демотивираност и нередовност на учениците при онлајн наставата, покажува истражувањето што го направи организацијата „Реактор“, а се однесува на учењето на далечина и на проблемите со кои се соочуваа родителите и наставниците при реализација на наставата од дома. Истражувањето вчера беше презентирано преку Зум, а на онлајн состанокот присуствуваа министерот за образование и наука Арбер Адеми, претставничката на УНИЦЕФ Патрициа ди Џовани, како и претставници на други образовни установи и организации во Македонија.

– Користењето дигитални технологии од една страна го наметнува проблемот на недоволен пристап, особено за учениците што немаат или треба да споделуваат компјутер со другите членови на семејството, а од друга страна им дозволува на дел од учениците да се снаоѓаат на тестовите и проверките. Една професорка вели: „На почетокот на децата им беше забавно, но како што поминуваа неделите се создаваше апатија кај нив, за на крајот да бидат толку изморени што едвај чекаа сѐ да заврши“ – рече Марија Башевска од „Реактор“.

Засновано на сеопфатна процена, која вклучува мислења од околу 10.000 анкетирани, речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од анкетираните наставници во средното образование и 46 проценти од анкетираните родители, ја поддржуваат редовната настава во училница во согласност со протоколите и 36 проценти од директорите, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование и 35 проценти од родителите поддржуваат комбиниран модел на настава во училница и на далечина.

Триесет и седум отсто од родителите рекле дека имаат проблем со немањето доволно компјутери во домот, а исто толкав процент рекле дека немаат печатач, кој е значаен технички уред со кој се печатат материјалите потребни за учење.
На прашањето како би сакале да се реализира наставата од 1 септември, 58 од наставниците во основните училишта и 48 отсто од професорите во средните училишта рекле дека сакаат таа да е со физичко присуство. На истото прашање, за физичко присуство се изјасниле 46 отсто од родителите. Триесет и пет отсто од родителите рекле дека би сакале комбиниран пристап (со распоред по денови или одделенија). Деветнаесет отсто од родителите рекле дека сакаат настава од далечина преку интернет-платформа.

Анкетираните се изјасниле дека би било добро Министерството за образование и наука да направи една национална веб-платформа, која ќе можат да ја користат сите за онлајн наставата и за тестирање.
Според резултатите од анкетата, повеќе од половина од наставниците имаат ограничен пристап до опрема за реализирање на наставата на далечина. Значителен дел (41 отсто) споделуваат компјутер или лаптоп со другите членови на семејството или користат застарени машини (18 отсто), а мал процент (5 отсто) немаат воопшто уред за да работат. Високи 42 отсто од наставниците и професорите рекле дека имаат интернет, но дека имаат проблеми и дека е ограничен.

Во врска со пречките со кои се соочуваа родителите од 10 март до крајот на учебната година, најголем број од нив рекле дека поради работните обврски немале доволно време да се посветат на учење со децата (61 отсто). За некои наставни предмети им помагале други членови на семејството, а некои, пак, воопшто не можеле да работат со децата поради домашните обврски (готвење, чистење, набавка на храна).
Во однос на користењето платформи за комуникација со учениците и за пренесување на материјалот, наставниците во основното образование најчесто користеле Месинџер (62 отсто), Едуино (58 отсто), Вибер (56 отсто), е-пошта (51 отсто).


Адеми: Учебната година да почне во училишните клупи

Какво било решение да донесе МОН, секако дека ќе се најдат луѓе што ќе дадат отпор и ќе најдат мана и причините најверојатно ќе им бидат издржани, рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање во врска со почетокот на новата учебна година.
– Но вие гледате дека и тогаш и сега преку инклузивен пристап ги носиме сите решенија. Ние внимателно ги следиме и ги анализираме ставовите на родителите што го оспоруваат физичкото присуство, но сепак најдобро е да се бараат решенија преку инклузивен пат. Детално размислуваме и што во случај ако имаме болни деца, како тогаш ќе се организира наставата, така што имаме планови. Јас сметам дека училница нема замена – рече Адеми.

Тој информира дека сите модели за организирање на наставата се финализираат и дека овие денови сѐ ќе се знае во однос на новата учебна година.
– Оваа недела разговаравме за сите модалитети за организирање на наставата и во Кризниот штаб на Владата. И од СОНК побаравме предлози. Настојуваме да имаме инклузивност во овој процес. Преовладува позитивно мислење од сите надлежни да започне учебната година со физичко присуство – рече тој.