Соединетите американски држави, преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), доделија дополнителни 330.000 американски долари за справување со ковид-19 во земјава преку грант за Црвениот крст на Северна Македонија.

Грантот на УСАИД е дополнување на помошта од 1,1 милион американски долари од Владата на САД доделени на земјава за намалување на ширењето на коронавирусот, информираат од американската агенција во земјава.

– Со овој грант ќе им се помогне на најранливите заедници во општеството чијшто секојдневен живот е крајно загрозен од вирусот, вклучувајќи ги старите лица, лицата со попреченост, самохраните родители и семејствата со ниски приходи како и оние кои живеат во затворени заедници. Во следните три месеци, Црвениот крст ќе дистрибуира 4.200 пакети со храна, 4.200 пакети со средства за хигиена, 3.000 пакети со средства за дезинфекција и 1.000 пакети за бебиња – се наведува во соопштението на УСАИД.

УСАИД исто така ќе му помогне на Црвениот крст да го зголеми опсегот на своите услуги за социјално и ментално здравје, кои се достапни на целата јавност.

Црвениот крст ќе обучува волонтери во своите 33 локални центри за да им помогне на сите што се соочуваат со стрес или други социјални предизвици за време на кризата.

– Во име на САД, чест ми е што можеме да оствариме партнерство со Црвениот крст за да обезбедиме помош за ранливите групи погодени од ковид-19. Овие напори на Црвениот крст претставуваат солидарност на највисоко ниво, како што изјави претседателот Пендаровски неодамна. Почестена сум бидејќи САД можат да бидат дел од солидарноста заедно со Црвениот крст и сите останати кои колективно се справуваат со пандемијата – рече американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз.

Во изминатите 20 години, САД имаат инвестирано над 11,5 милиони американски долари само за здравството и повеќе од 738 милиони американски долари вкупна помош за Македонија, потсетуваат од УСАИД.