Сите медицински сестри што се префрлени, надополнети, преструктуирани од едно на друго одделение, во други институции, во ковид-центрите, треба да бидат платени под тие услови, а не со лични доходи од матичното работно место, кое е на друг начин со коефициент изразено. Ова е нешто на што секојдневно треба да се води сметка бидејќи во овие исцрпувачки работни денови не треба вака да бидат дестимулирани медицинските сестри, изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата на здруженијата на медицинските сестри предводена од здружението „За нас“.

– Херои сте кога ја добивате битката, но, за жал, ние сме соочени со наплив на пациенти. Кога не се почитуваат мерките, тоа е како да сте се здружиле со непријателот. Издржавме многу и во други времиња на немири, епидемии, сообраќајни незгоди и на крајот од сè бевме поголеми и посреќни бидејќи успевавме да се справиме. И сега се справуваме, но лавината сè поголема, времето се пролонгира и неизвесноста трае.

Мораме пред професионалниот предизвик да издржиме и да се спротивставиме на стравот, да им се поклониме на храброста и чувствителноста, кои нè красаг. Да бидеме во мислите со нашите колеги што се заразија и да се чуваме максимално бидејќи зависиме еден од друг – изјави  Бешлиовска.

Од Унијата велат дека сестрите треба да имаат бенефиции на деновите за одмор, на стажот, платени годишни одмори, финансиски награди, привилегирани систематски прегледи.

Почитувани медиуми, би сакале јавно да го објавиме ставот на сестринската професија во нашата земја во врска со панедмијата предизвикана од коронавирусот.

– Сестрите, островот на спасот, се премногу исцрпени. Тие се силни додека се сите на број, но бројот на заразени сè повеќе и повеќе расте. Во последен период со енормното зголемување на бројот на пациенти, зголемениот број на приеми, отворањето нови капацитети со истите носечки луѓе, ситуацијата ги премори и потребите за одмор и рехабилитација станаа неопходни.

Унијата на здруженијата на медицинските сестри не може да ги коментира деталите за менаџирањето на сестрите внатре во избраните институции, за тоа сепак треба да кажат одговорните лица. Но, затоа, пак, Унијата прави сондажа на потребите и на сè она што треба да следи за нашите колеги што се ангажирани директно: бенефиции на деновите за одмор, на стажот, платени годишни одмори, финансиски награди, привилегирани систематски прегледи – пишува во соопштението.

Унијата на ЗМСТАС апелира да се почитуваат дадените превентивни мерки, да се грижиме за себе, за нашето здравје и за здравјето на нашите најблиски.

– Драги сограѓани, само со заеднички сили можеме да го спречиме заминувањето без поздрав од овој свет – велат од Унијата на ЗМСТАС.