Министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација за ковид-19 се одвива со одлична динамика.
По посетата на сите економски оператори кои и сега чуваат и дистрибуираат вакцини, Филипче потенцираше дека нивните капацитети се подготвени, а останува во месец јануари да пристигнат преку донација и специјалните фрижидери кои се наменети за вакцината на Фајзер, која се складира на -70 степени.

На прес-конференцијата, тој посочи дека нашата држава е активирана на три полиња за набавка на вакцина против ковид вирусот. Тоа се КОВАКС системот, Европската Унија и директни договори со компаниите Фајзер и Астра Зенека.

– Денеска на владината седница помина информацијата со којашто УНИЦЕФ се вклучува во помошта во делот на склучување на договорите и транспортот на вакцините до нашата земја од тој прозводител којшто ќе биде одреден од КОВАКС системот, како институција која има и капацитет и можности и знаење. Ова беше една од препораките на КОВАКС системот, УНИЦЕФ да се вклучи во овој дел од снабдувањето со вакцината – рече Филипче.

Министерот уште еднаш нагласи дека вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а приоритет ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и оние граѓаните со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести.

Министерот Филипче, упати апел граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести, особено во овој период кога се интензивираат бројните дезинформации во однос на вакцините.

– Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин, исто како и сите други вакцини кои денес се користат. Примарната цел на вакцинацијата е заштитита на населението и пред се намалување на смртен исход од заболување со Ковид-19 – нагласи Филипче