Владата на денешната седница одлучила да се скрати работното време на угостителските објекти до 21 часот и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот, објави премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил.

– Владата на денешната седница донесе одлука за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Се скратува работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид. На седницата донесовме и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот. Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби – напиша Заев.