Тројца пациенти починале од коронавирусот во последниве 24 часа, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Еден од пациентите е од Кочани, на 40 годишна возраст, без познати минати заболувања. Другите двајца пациенти се од Тетово, од кои едниот, на 69 годишна возраст имал тумор на мозокот, а вториот пациент, на 65 години немал познати хронични заболувања.

Во текот на вчерашниот ден биле направени 250 тестови, од кои 15 биле позитивни, со што бројката на заразени од ковид-19 во земјава изнесува 570 лица.

Седумдесет лица се сместени на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 10 се во потешка состојба, а осум се приклучени на респиратори.

Во Градската болница „8 Септември“ вчера се примени четворица пациенти за кои се чекаат резултатите, а двајца се на респираторна машина. Во Битола е хоспитализирано едно лице, но во тек е трансфер на заболените од болницата во Охрид. Во Штип има четворица хоспитализирани, од кои тројца се со лесна клиничка слика.