Фото: Каролина Мицевска

Во изминатите 24 часа во Прилеп има три нови случаи од ковид-19, a два се
оздравени. Ова го посочи на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.

Според него во инфективното одделение на прилепската болница се хоспитализирани 21 пациент, од кои 16 се позитивни на ковид-19, а за пет се чекаат разултати. 36 лица заразени од коронавирус се лекуваат во домашни услови.

– Вкупно во Прилеп се заразени 193 лица. До денес како активно заразени се водат 63 лица, а 112 се оздравени. Има 12 смртни случаи. Вкупно Центарот за јавно здравје и инфективното одделение извршиле 906 тестирања. Сакам да апелирам граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита, а како општина продолжуваме викендот со дезинфекција на улиците, јавните површини – посочи градоначалникот Јованоски.

Епидемиологот од Центарот за јавно здравје д-р Татјана Мургоска Станимировиќ изјави дека во моментот има 63 активни случаи на заболени од коронавирусот, односно се регистрирани седум кластери од почетокот на мај.

– Од седумте кластери седум лица се од населбата Тризла, пет лица од две фамилии, другите се од други семејства. Еден кластер е од три фамилијарни контакти, за кои не можеме да откриеме од каде се заразени. Другите заразени лица работат во различни фирми. Имаме активен надзор, односно се следи здравствената состојба по кластерите. Во една фабрика досега се заболени повеќе лица. Првиот случај е регистриран кај први мај. Веднаш се изолирани контактите, тестиравме и ги пронајдовме другите пет лица. Контактиравме со фабриката. Педесет лица се отсранети од работа, а фабриката работи со мал капацитет. Дополнително направивме увид во фабриката и таму е констатирано дека се почитуваат мерките за заштита. Продолжуваме со следење на ситуацијата и ако има потреба ќе препорачаме други мерки – посочи епидемилогот Татјана Мургоска Станимировиќ.

Од почетокот на пандемијата досега подеднакво се заразени мажи и жени. Додека во однос на смртноста повеќе починати се мажи.

– Возраста на заразените е од над 20 до 64 години. Во почетокот имавме случаи со тешка клиничка слика, сега во последните недели, како се намалува бројот на заболени се намалува и процентот на случаи со потешка клиничка слика. Во инфективното одделение сега се хоспитализираат лица со полесна клиничка слика, што значи дека вирусот ослабува. Пикот кај нас го имавме од 17 април до 24 април. Во просек имавме од 40 до 45 заболени во една недела. Од 24 април бројот на заразени постепено опаѓа. Од 1 мај имаме од 15 до 17 новозаразени во цела седмица. Во последните две недели ги следиме контактите на веќе потврдени случаи на ковид 19. Од тој круг има новозаболени. Но факт е дека бројката се намалува. Од починатите 12 лица повеќето биле со коморбидитет – изјави епидемилогот Станимировиќ.

Од Центарот за јавно здравје најавуваат дека скринингот во прилепските градинки ќе се врши на 28 и 29 мај. Дел тестирања ќе се изведуваат во Центарот за јавно здравје, а дел во градинките. Ка.М.