Сите тројца нови лица на кои им е дијагностициран коронвирус се од Скопје. Станува збор за сопружници од Скопје кои се тестирале на клиниката „Жан Митрев“, а пак, материјалот за тестирање го однел член на семејството. Третиот пациент е исто од Скопје, а симтоми имал една недела, додека сите лица со кои контактирал се мапирани и се чекаат резултати од тестовите на членовите на неговото семејство.

 – Стабилна е состојбата на пациентите, како и на пациентката која е на респираторна машина. Во земјава има регистрирано 26 заболени пациенти. Утрово се тестирани 10 пациенти, позитивни се тестовите на тројца пациенти кои се тестирале на клиниката „Жан Митрев“. Денеска, во Инстиутот за јавно здравје ги направивме повторно тестовите на тие пациенти и го потврдија нивниот резултат. Станува збор за пациенти од Скопје. Еден кој имал симтоми една недела и неговите контакти се мапирани и се изработуваат тестовите на членовите на семејството на овој пациент. Понатаму, фамилија сопружници, кои престојувале во странство и дошле во нашава држава пред неколку дена. Вчера, член на семејството ги однел материјалите на клиниката „Жан Митрев“ каде дале позитивни резултати. Првиот пациент е сместен на Инфективната клиника, сопружниците се сеуште на домашно лекување, тие во текот на денот ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести – рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Во однос на пациентката која допатувала со авион вечерта меѓу 12 и 13 во Скопје, во тек се контактите и интервјуата на сите сопатници.

– Вчера имаше уште една пациентка, патничка која дошла од Холандија. Денеска веќе се во тек контактите и интервјуата на сите сопатници кои патувале со истиот авион од Виена кој слетал вечерта меѓу 12 и 13 во Скопје. Бевме контактирани и од австриската амбасада и ги дадовме сите потребни информации. Со тоа, вкупната бројка на пациенти во нашата земја сега е 26, од кои 17 се во Скопје и 9 во Дебар – рече Филипче.