Фото: Игор Бансколиев

Приближно два милиони евра ќе се слеат во државниот буџет од страна на сметките на граѓаните што ги прекршија владините мерки за превенција од ширењето на коронавирусот. Иако тие финансиски средства ќе легнат на сметката на државниот буџет, па потоа во законски предвидена процедура ќе бидат распределени по позиции, сепак ние разговаравме со еден економист, со еден социолог и со еден доктор, кои имаат свои интересни предлози за алоцирање на споменатите средства, и секој од нив „навива“ за помош на својот сектор: во здравството, за хуманитарни цели или во стопанството и економијата…

Како да се искористат парите од глобите изречени за време на вонредната состојба

Според информациите на Јавното обвинителство, неодамна дадени за медиумите, во временскиот период меѓу средината на март па до крајот на април, околу 1.468 луѓе по разни основи ги кршеле државните мерки за борба против пандемијата. Вкупно, таа цифра од изречените казни за граѓаните изнесува околу два милиони евра. Обвинителството за повеќето од прекршителите побарало да се казнат со суми од неколку стотина евра па до 2.000 евра глоба, иако имало и случаи со повисоки казни каде што обвинителите побарале казни во вредност до 5.000 евра, па дури и изрекување условна казна затвор.
Во широкиот спектар противзаконски дејства за кои биле пропишани казни за непослушните граѓани, влегуваат прекршоците на полицискиот час, непочитувањето на самоизолацијата, отворање и работа на угостителски објекти и задолжителниот карантин, па дури и обид од камионџии да ја напуштат државата.

Интересни предлози и финансиски менаџмент со парите од глобите

Во состојба во која нашата земја се обидува да ги санира финансиските загуби од корона-кризата, „Нова Македонија“ се обиде, консултирајќи се со видни експерти, да даде хипотетички одговор на дилемата каде е најпаметно да се искористат парите собрани од непослушните граѓани.
Д-р Дејан Филиповиќ, специјалист дерматовенеролог, вели дека пандемијата на вирусот нѐ научи дека треба да се инвестира во здравството и во здравствениот систем на државата, па од таа гледна точка тој верува дека овие средства би било логично да се употребат во медицински цели, односно со нив да се опремат различни клиники од секаква област со модерни машини и технологија, кои потоа со години би им служеле на нашите граѓани.

– Во Македонија сме сведоци дека медицинските работници се квалитетни и тие во овие состојби го даваат својот максимум, но факт е дека ни недостигаат подобри средства за работа и модерна технологија. Па овие пари колку и да се соберат во буџетот не би штетело доколку се пренаменат за модернизација на нашите болници – резимира д-р Филиповиќ.
Социологот Илија Ацевски казнуваат граѓаните што не ја почитуваат државната заложба за борбата со пандемијата е во ред и, според него, дури треба да се продолжи со посилни мерки ако се процени од властите дека има потреба за тоа.
– Во конкретниов случај, кога зборуваме за парите присобрани од оние што го прекршиле законот, јас лично верувам дека тие во овој момент би требало да се пренаменат или искористат за помош на ранливите групи граѓани во земјата, на кои животот и онака им е тежок, а со пандемијата дополнително се влоши. За мене само таква прераспределба на овие средства ми има некоја логика и употребна вредност – вели Ацевски.

Стопанството најприоритетно за санација, кое ќе создава пари и за здравството, образованието…

Економскиот аналитичар Здравко Савески во своето согледување на случувањата вели дека во конкретниот случај од буџетска гледна точка станува збор за мала сума пари, кои ќе се слеат во нашиот буџет од оние граѓани што не го почитувале законот.
– Но од симболична гледна точка, јас сметам дека во дадената ситуација најлогично би требало финансиите да се пренаменат во борбата со коронавирусот и во справувањето со негативните економски последици, кои овие состојби ги наметнаа врз нашата економија – резимира Савески.
Повеќе економисти го делат неговиот став и инсистираат дека на економијата, стопанството, индустријата, производството, големите производствени гиганти, кои, за жал, не ги имаме многу, но вклучувајќи ги и малите и средните претпријатија што работат како доставувачи или испраќачи за нив (влез и излез од производствениот процес), треба веднаш и без одложување да им се помогне.

Државата сега има можност да покаже дека знае како да се постави кон својата економија и индустрија и кон своите граѓани, кои работат и создаваат добра. Како што велат економистите, ова се случува еднаш на сто години и сега е време и место државата да покаже дека има храбро раководство што верува во себе, дека верува во својата визија и дека ја исполнува својата мисија легитимирана пред граѓаните на нашата држава. Ако се ревитализира економијата и ако се помогне и зајакне стопанството, економистите тврдат дека со сигурност потоа ќе има и пари за здравството, образованието, нестопанските дејности и за хуманитарни цели. Затоа приоритетот го гледаат во создавањето т.н. колач што ќе биде доволен за сите.

[email protected]