Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи преку социјалните мрежи објави дека е позитивна на ковид-19.

Таа, како што пишува, имала малку зголемена температура и болки во коските, по што одлучила да се тестира.

– Вчера по некои мали здравствени проблеми, бев тестирана и излегов позитивна на ковид-19. Почитувајќи ги здравствените протоколи, следните денови ќе останам во самоизолација примајќи ја потребната терапија – напиша Арифи.

Градоначалничката била вакцинирана со две дози и ги охрабрува граѓаните да се вакцинираат што е можно поскоро.

– Иако пред повеќе од месец и половина ја примив втората доза од вакцината, вирусот се уште е меѓу нас и може да биде инфициран секој. Благодарение на вакцинацијата досега имам само благи симптоми, затоа ги охрабрувам сите граѓани да се вакцинираат што е можно поскоро. Останете внимателни и одговорни, заштитете се себе, семејството и другите околу вас – напиша Арифи.

Соработниците од Кабинетот се тестирале за ковид-19, а меѓу нив нема заразени.