Фото: Маја Јаневска-Илиева

Особено ранлива категорија се децата. Очигледно е дека децата разбираат дека нешто невообичаено се случува, бидејќи не одат во училиште, иако е во тек учебната година, а одеднаш се соочуваат со една нова реалност дека сега ќе мора наставата да ја следат пред телевизорите. Згора на тоа, ги слушаат и возрасните околу себе, кои постојано говорат за опасниот вирус, создавајќи во своите глави некаква своја лична слика за целата ситуација. Како да се пристапи и каков приод на воспитување е потребен во кризни ситуации

Пандемијата на ковид-19 го наруши
нормалниот живот

Невидливиот непријател, на сите веќе добропознатиот но слабо истражен вирус ковид-19, последниот месец значително почна да ги менува животните навики на децата и родителите како никогаш досега.
Според првиот впечаток, очигледно е дека децата разбираат дека нешто невообичаено се случува, бидејќи не одат во училиште иако е во тек учебната година, а одеднаш се соочуваат со една нова реалност дека сега ќе мора наставата да ја следат пред телевизорите. Згора на тоа, ги слушаат и возрасните околу себе, кои постојано говорат за опасниот вирус, создавајќи во своите глави некаква своја лична слика за целата ситуација.

И токму тука многу родители си го поставуваат прашањето како на своите деца да им ја појаснат новонастанатата состојба, без притоа да ги исплашат, но истовремено и да ја разберат целокупната сериозност на ситуацијата.
Клиниката за психијатрија од Скопје во почетокот на неделата отвори и телефонски линии за психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи засегнати од коронавирусот.
Како што најави министерот за здравство, Венко Филипче, психолошка помош ќе им биде понудена на повеќе групи граѓани што имаат потреба, како родители на деца на предучилишна и училишна возраст, возрасни лица во самоизолација, како и на граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа. Психолошка поддршка ќе им биде понудена и на хоспитализирани пациенти поради вирусот ковид-19.

– Постојат многу начини како да им се објасни на децата ситуацијата со вирусот, а притоа тие да не се уплашат. Еден од начините е исполнување на времето на децата со активности што не се поврзани со вирусот. Во вакви ситуации особено е важна самоконтролата на родителите, односно сопствената анксиозност да не ја пренесат врз своите деца – вели Стојан Барјактаров, директор на Клиниката за психијатрија.
Според него, потребно е да се ограничи гледањето вести пред децата.
– Секоја кризна ситуација, па и оваа, на некој начин е еден вид воспитување на децата. Токму од оваа ситуација треба да им дадеме пример на децата како тие во иднина да се справуваат со други кризни ситуации, бидејќи тие ќе учат од своите родители како да се однесуваат. Ова, на некој начин, можеби е и добро што се случи, бидејќи светот малку запре за да видиме каде сме, им даде време на родителите да се видат со своите деца и да откријат дали тоа дете има некаков талент, а можеби ќе откријат и други таленти кај своите деца. Како и да е, треба да се остане смирен – порачува Барјактаров.

Тој уште додаде дека од воспоставувањето на телефонските линии за психолошка помош на граѓаните во врска со коронавирусот, телефонот непрекинато ѕвони.
– Се јавуваат постојано и јас сум пријатно изненаден што граѓаните се многу добро упатени во целата ситуација, а уште повеќе што покажуваат одговорност – истакна Барјактаров.
И психолозите со кои се консултиравме сметаат дека на децата работите треба да им се разјаснат на поедноставен начин без да се предизвикува паника.
– Децата сфаќаат дека во тек се вонредни околности. Особено сега тоа можат да го почувствуваат, кога се затворени градинките и училиштата. Нормално, треба и ним на соодветен начин да им се појасни дека тоа е поради коронавирусот и дека сега повеќе време ќе минуваме заедно и ќе се чуваме. Важно е да се дозираат количеството на информации и вестите што допираат до децата, бидејќи доколку радиото или телевизорот се постојано вклучени и информираат за коронавирусот, тоа кај децата би можело да предизвика непријатност – велат психолозите со кои се консултиравме.
Според нив, родителите би требало да внимаваат колку често разговараат пред своите деца на темата коронавирус.
– Исклучително е важно транспарентно да се комуницира кога станува збор за вирусот, бидејќи децата имаат изразена егоцентрична особина поради која би можеле да помислат дека родителите им се вознемирени затоа што тие направиле нешто погрешно – нагласуваат психолозите.
Тие уште додаваат дека кога станува збор за постари деца, треба да им се каже дека во овој период не треба да се гушкаат или бакнуваат со роднини или со пријатели.
– Повторно со едноставен речник: може да им се каже дека сега нема меѓусебно да се гушкаме за да не заболиме, а потоа болеста ќе помине и повторно ќе можеме да се гушкаме – велат психолозите, нагласувајќи дека на децата од сите возрасти мора да им се истакнува важноста од хигиената, особено миењето на рацете.