ТАВ Македонија како аеродромски оператор уверува дека се следат и почитуваат сите мерки воведени досега за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот.

– Површините на Меѓународниот Аеродром Скопје се дезинфицираат трипати дневно, со соодветни средства за дезинфекција, додека пунктовите каде што најмногу се задржуваат патниците, како што се шалтерите за пријавување и безбедносната контрола, исто така се дезинфицираат три пати дневно, со соодветни средства за таа намена – информираат од ТАВ Македонија.

Дополнително, како што посочуваат, поставени се средства за дезинфекција на рацете за патниците на неколку клучни точки: кај шалтерите за регистрација, кај пунктот за безбедносна контрола (при излез од државата, веднаш после Пасошката контрола), како и во делот „Пристигнувања“ (при влез во државата, во близина на Пасошката контрола).

Од аеродромот ги замолуваат сите патници да одржуваат највисоко ниво на лична хигиена и да не создаваат непотребен метеж, држејќи ја препорачаната дистанца едни од други која што важи за затворените простории, согласно мерките на Владата.
– Тоалетите, каде што патниците можат да ги измијат рацете со сапун, се лоцирани на повеќе места во Аеродромот: во салата во терминалната зграда, на Пристигнување и Заминување, при излез од државата, после Пасошка контрола, во близина на Портите (гејтови), при влез во државата, после Пасошката контрола, во делот каде што се чека багажот – информираат од операторот.

ТАВ Македонија порачува дека им стои на располагање на сите патници во врска со било какви прашања.

– Од 8 до 16 часот, во работни денови, можете да нè контактирате на мејлот: [email protected], како и во пораки на нашата Фејсбук страница, додека во секое време можете да се јавите на Шалтерот за информации кој работи 24/7, на телефонскиот број +389 2 3148 333. Во врска со летовите, како што веќе апелиравме минатата недела, со оглед на тоа што ситуацијата со Коронавирусот се менува од ден на ден, Ве замолуваме да ги следите последните објави за вашите летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактирате нивните оддели за клиенти – велат од аеродромскиот оператор преку соопштение.