Пријателите се познаваат на маката. Потврда на ваквите зборови е донацијата од 32.000 заштитни маски испратена до винаријата „Стоби“ од страна на долгогодишниот деловен партнер од Кина.

Пораката на партнерите од Кина е јасна, тие се изборија со коронавирусот, а истото им го посакуваат и на своите партнери и пријатели во Македонија. За таа цел, како знак на поддршка, за вработените во „Стоби“ се испратени 2.000 заштитини маски, а преостанатите 30.000 ќе бидат наменети како донација за граѓаните на Македонија. Тие 30.000 маски кои кинескиот партнер ги донираше за граѓаните на Македонија, се во МНР и според нивните протоколи ќе бидат распределени онаму каде што се најмногу потребни.

Винаријата „Стоби“ и кинескиот партнер бележат исклучително успешна меѓусебна соработка и подем во пласман на македонско квалитетно вино на кинескиот пазар. Во последниве пет години е забележана продажба на 2.000.000 шишиња на тој пазар, со континуиран раст на продажбата. За допирот на македонската винска приказна на далечниот исток, како и успешниот деловен резултат несомнено дека најмногу придонесуваат над 20 „Стоби“ брендирани продавници во неколку градови низ Кина.

Ваквите резултати ја вбројуваат винаријата „Стоби“ како еден од најголемите извозници на вино од Македонија во Кина.

Овојпат, „Стоби” и кинеските партнери реализираат соработка на едно друго поле, полето на хуманитарност. Со својата донација, вработените во „Стоби“ би сакале што е можно повеќе луѓето да го надминат корона предизвикот што побргу и да се вратат на предизвиците за кои навистина вреди да се живее.