Министерката за култура, Ирена Стефоска, се сретна со директорите на театарските институции, со кои разговараше за предизвиците со кои се соочуваат овие национални установи, како и за реализацијата на програмата одобрена од страна на Министерството за култура во текот на 2021 година.

Од Министерството за култура информираат дека на средбата се дискутирало за реализацијата на тековниот репертоар, како и за плановите за реализација на нови претстави во услови на светска пандемија.

Театрите укажале на реалните проблеми со кои се соочувуваат за одржување на програмата во согласност со пропишаните здравствени протоколи.

Во програмата за финасирање проекти од национален интерес во културата од областа на драмската дејност за 2021 година за националните установи поддржани се 78 проекти со вкупен износ од 54.646.140 денари, известуваат од ова Министерство.

Во текот на оваа година ќе се реализираат повеќе инвестициски зафати во театарските установи, со кои ќе се подобрат условите за нивно функционирање. Издвоени се средства за набавка на светлосна опрема и за реновирање на сценскиот под и други зафати во Драмскиот театар, ќе се набавува опрема и за потребите на гостиварскиот театар.

Во МНТ ќе се реализира проектот за санација на проодната тераса и други тековни зафати, во Театарот за деца и младинци предвидено е реновирање на театарската сала, потоа реновирање на објектот на албанскиот театар за деца и млади во Скопје и други активности.

На средбата биле разгледани и прашања поврзани со промоцијата на новиот објект на албанскиот театар, кој, како што додават од институцијата, во согласност со здравствените услови предизвикани од пандемијата, ќе биде отворен во наредиот период.

Истовремено, беше посочено дека продолжуваат изградбите на објектите на турскиот театар, театарот и библиотека во Тетово, театарот во Струмица.