Иако вниманието на јавноста во овој период е пред сѐ насочено кон информациите за борбата со коронавирусот, забележливо е дека не е загубена заинтересираноста и за политичките „битки“, а се чини дека политичките субјекти пронаоѓаат креативни методи како да го ефектуираат тоа во „електорски“ поени за подоцна, кога ќе биде надмината вонредната состојба

Коронавирусот не ги стави во карантин партиските расправања

Општ е впечатокот дека граѓаните во Македонија прифатија и се привикнаа на првата епизода од кризата, имено да се функционира во услови на вонредна состојба. Тие во голема мера дисциплинирано ги спроведуваат мерките за спречување на ширењето на пандемијата, како што е самоизолацијата. Политичарите, пак, декларативно се изјаснија дека приоритет им е јавното здравје, т.е. здравјето на граѓаните, и тоа го ставија пред своите политички амбиции и интерeси. Токму во тој контекст го ставија и заемниот договор за одложување на закажаните избори на 12 април, и тоа во услови кога беа почнати изборните активности.

Лидерите на сите политички партии ветија дека ќе бидат конструктивни како политички субјекти и ги ставија на располагање своите предлози и капацитети на техничката влада за справување со предизвиците од коронавирусот. Но декларираните принципи и заложби многу брзо беа ставени на тест во функционирањето на политичката реалност, повторно преку непремостливите антагонизми што се манифестираат меѓу партијата на власт (СДСМ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Речиси за секоја предлог-мерка што ќе ја изнесат и едните или другите, тие се со постојани меѓусебни обвинувања за неконструктивност, подметнување, односно со реторика што речиси воопшто не се разликува од онаа во кампањите. Таквиот, навидум вербален, антагонизам на повремено партиско реплицирање, сепак, ескалира во текот на изминатиот викенд.

Имено, несогласувањата за акцијата на враќање на македонските граѓани од странство и нивното сместување во карантин, односно преписката во врска со тоа на една социјална мрежа меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и генералниот секретар на Владата, осамна дури и на официјалната владина веб-страница. Иако вниманието на јавноста во овој период е пред сѐ насочено кон информациите за борбата со коронавирусот, забележливо е дека не е загубена заинтересираноста и за партиско-политичките „битки“. Се чини дека политичките субјекти пронаоѓаат креативни методи за „авансирање“ на своите ставови во овие околности, за подоцна да ги ефектуираат во „електорски“ поени, кога ќе биде надмината вонредната состојба. Дека не е стивнат тој политички инстинкт, своевиден аргумент се и шпекулациите на лидерот на СДСМ, за можните датуми за одржување на изборите, иако вели дека во овој момент не размислуваат за тоа.

Сите тие реплики и контрареплики на политичките субјекти во јавноста оставаат простор за сомневање дека, всушност, никој не се откажал од теснопартиските предизборни амбицирања во услови на декларирано консензуално политичко затишје во време на пандемија.
– Сѐ уште немам чувство дека политичарите ги отфрлиле своите принципи, односно заложбите за конструктивност во справувањето со пандемијата. Од друга страна, знаат дека оваа состојба кога тогаш ќе заврши и дека ќе треба да излезат пред гласачите. Истовремено, големи се внатрешните притисоци во политичките елити врз лидерите, па таа предизборна енергија мора некаде да се излее, како што се случи минатиот викенд, со своевидната „вербална пресметка“ на социјалните мрежи на политичките опоненти.

Во моментов сметам дека не се работи за планирана акција за некакво политичко профитерство, туку за прелеана политичка енергија. Едноставно, луѓето не можат без политика – оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски, пак, смета дека матрицата на однесување на политичките елити во Македонија не може долго да биде потисната, дури и во услови на пандемија.
– Најголемото достигнување во политичката стратегија на македонските политичари е меѓусебното обвинување. Тоа им е основната храна во нивното функционирање, зашто немаат што друго да понудат. Во ваква ситуација, во која се наоѓаме актуелно, тоа е контрапродуктивно како за општеството, така и за нив самите. Меѓусебната критика, се разбира, е оправдана ако станува збор за сериозни, темелни проблеми, кои можат да ја разнишаат македонската држава – вели професорот Љубомир Цуцуловски.

Низ една етичка призма тешко се вари квалификацијата за постоење на т.н. политичко профитерство во услови на општа здравствена загрозеност, смета политичкиот аналитичар Сотир Костов. Но тој нагласува дека ниту вонредната состојба не го исклучува правото на политичките субјекти да имаат свои идеи за справување со ситуацијата, но и за несогласување и критика на некои несоодветни мерки и предлози. Костов, сепак, поентира дека во една ваква ситуација мораме нашата поединечна енергија да ја претвориме во колективна синергија, во име на здравјето и животот на сите нас.