Во изминатите 24 часа во Кичево и регионот нема нарушување на јавниот ред и мир и нема лица кои не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на ковид-19.

– Во изминатото деноноќие во Кичево има три нови лица во самоизолација, во исто време се извршени 20 контроли врз лица кои се веќе во самоизолација, а дури во 37 угостителски објекти полициските службеници извршија контроли и нема регистрирано неправилности и се почитуваат препораките на Владата-истакна Стефан Димоски од СВР Охрид.

Бидејќи пред нас се велигденските празници, во периодот кога е дозволено движење на автомобилите и пешаците, зголемен е интензитетот на сообраќајот, а во исто време граѓаните во многу поголем број ги има во маркетите и на шалтерите во банките, за да се обезбедат со неопходните намирници и доволно средства пред продолжениот полициски час.

Во аптеките во градот видлива е поголема концентрација на луѓе, но благодарение на вработените и делумно на граѓаните, редот е запазен и сите се навремено услужени. Како што ни рекоа од аптеките во центарот на градот, најмногу се бара парацетамол, андол, витамин ц и други имуно-стимулатори, а бидејќи аптеките се добро снабдени со ракавици, заштитни маски и гелови, потрошувачката на овие средства е редовна, но не и зголемена како во претходните недела-две. З.А.