Вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна и ја демантираме во целост, се наведува во денешната реакција од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

– Ниту од наша страна е испратено писмо на кое тој се повикува, ниту такво нешто сме барале од Министерството, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни, ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност – стои во соопштението.

Во него се додава дека Сојузот на стопански комори уште од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата.