фото: Игор Бансколиев

Туристичко-угостителската комора на Македонија истакнува дека новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата се селективни и непрецизни поради што се доведува во прашање ефектот кои тие треба да го постигнат. ТУК досега ги поддржуваше сите здравствени мерки кои придонесуваат за намалување на последиците од пандемијата и активно го промовираше почитувањето на протоколите за работа, но сега смета дека единствен ефект од новите решенија ќе биде драматично влошување на состојбата на угостителскиот сектор.

– Повеќе пати досега беше изнесено барање Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да презентираат епидемиолошки анализи кои ќе покажат дека угостителството е поголема причина за ширење на заразата, отколку некои други сектори како меѓуградски и градски транспорт, работа на шалтери, работа во големи работни колективи, партиски активности. Досега не се презентирани такви податоци, поради што мора да заклучиме дека угостителството е избрано за рестрикции како пример за пред јавноста, поради немањето желба или можност власта да се справи со други жаришта. Највидлив пример за несоодветното однесување на надлежните институции е нереагирањето на прославите кои беа организирани во партиски штабови надвор од сите протоколи, без дистанца и со блех музика.

Мерките се непрецизни, бидејќи не е јасно на кои угостителски објекти се однесува. Да потсетиме дека кога претходно имаше рестрикции Државниот пазарен инспекторат толкуваше дека тие ги вклучуваат и хотелите. Исто така саканиот ефект, сузбивање на епидемијата, сметаме дека нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено додека другите сектори функционираат редовно. Во такви улови луѓето само ќе се префрлат од угостителските во другите објекти кои работат. Исто така нејасно е и каков ефект ќе даде ограничување на работењето на угостителските објекти во земјава, ако не се забрани патување во странство.Сакаме да нагласиме и дека неопходно е воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки да биде паралелно проследено со обезбедување на соодветни економски мерки за поддршка на секторот – се вели во соопштението на Сојузот на стопански комори.