Влегуваме во фаза во која ги очекуваме најголемите предизвици од коронавирусот, и за економијата и за одржливоста на социјалниот контекст и за здравствениот систем, рече премиерот Оливер Спасовски, најавувајќи ги новите ограничувања за движење и новите мерки на Владата.

– Критичната фаза мора да ја намалиме со најмали можни штети. Оваа битка ќе трае. Од секој еден од нас зависи колку долго и со колкав интензитет ќе војуваме со коронавирусот. Ние го немаме поминато најлошото – рече тој.

Спасовски рече дека се очекува во наредниве 2-3 недели да се достигне пикот, и се очекуваат 2000 до 2500 заболени.

– Подобро е да се подготвуваме за повеќе, а да бидат помалку, отколку обратно. Заканата е страшна, радикална и затоа однесувањето мора да биде радикално – рече тој.

Спасовски вели дека секој граѓанин би сакал да знае кога сето ова ќе заврши, но на ова прашање, рече тој, ниту светот ниту надлежните власти немаат одговор. Годинава Велигденските и Рамазанските празници ќе мора да се поминат дома.

– Оваа година верниците своите молитви ќе ги упатиме од дома – вели Спасовски.

Активни се повеќе од 1.000 кревети доколку дојде потреба за хоспитализирање.

– Но, ајде да не дозволиме да не ги полниме креветите во болниците – рече премиерот.

Спасовски уште еднаш ги повтори новите мерки кои стапуваат во сила од среда, од 16 часот:

Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16.00 часот до 05.00 часот наредниот ден.

Дополнително, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10.00 до 12.00 часот.

За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13.00 до 15.00 часот.

За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16.00 часот до 05.00 часот во понеделник.

Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при шти тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.