Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование, Арбер Адеми, како и претседателот на Комисјата за заразни болести, Жарко Караџовски и други претставници на институциите, вчера беа на состанок на Општинскиот штаб во Куманово каде присуствуваше и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, кој денеска објави дека е позитивен на коронавирусот.

Засега не е соопштено дали функционерите ќе поминат период на самоизолација, ниту дали се тестирани за коронавирус.

Претходно денеска, Димитриевски на социјалните мрежи објави дека е позитивен на коронавирусот. Тој вели дека во Куманово се потврдени нови 40 случаи и повикува на дисциплина кај населението.

– Ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги сограѓани, меѓу кои сум и јас. Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против ова заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца – посочува Димитриевски.