Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, вели дека и денеска, неколку часа од прогласувањето на воредната состојба, животот продолжува да функционира исто како вчера.

Владата на седница не донела нови одлуки за рестрикции во движењето, каква што можност има со прогласувањето на ваква состојба.

Спасовски ги повика сите граѓани доколку имаат и најмали симтоми налик на коронавирус за кои предупредуваат медицинските лица, да се јават во Центрите за јавно здравје.

– Вонредната состојба која ќе трае 30 дена, со можност да се продолжи доколку е потребно, не значи дека ќе замре животот на граѓаните. Сите функции на државата ќе продолжат да се остваруваат и во овие услови. Правата и слбоодите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Тоа не значи застој во слободниот транспорт на прехрабените потреби на граѓаните, ниту во делот на снабдувањето со лекови во болниците и аптеките. Денеска се продолжува да функционира исто како и вчера, нема одлуки за нови рестрикции во движењето и остварувањето на професионалните обврски на граѓаните. Исклучок од ова се само подрачјата на Дебар и Центар Жупа бидејќи таму има кризна состојба, бидејќи тоа се жаришта на вирусот – рече Спасовски.

Препораката возрасната категорија на граѓани да остане дома и натаму останува, Спасовски побара од нив помош да бараат од волонтерите кои ги има во сите општини.

– Најпрво сакам да ве уверам дека денеска неколку часа по прогласувањето на вонредна состојба, ние сите заедно сме уште повеќе сплотени за уште посериозно и поодговорно да ги извршуваме своите задачи. Оваа одлука е вистинската мерка која ќе помогне во остварувањето на грижата а тоа е животот и јавното здравје. Ги спроведуваме сите мерки за превенција и заштита на здравјето на граѓаните. Одлуките се во насока помалку да им наштети на економијата и стопанството. Економските мерки кои ги носиме имаат за цел да обезбедат одржливост и да се зачуваат работните места на граѓаните – додаде Спасовски.

Тој уверува дека ќе се работи за интересот на граѓаните, а вонредната состојба значи само олеснување на Владата да донесе уредба која веднаш ќе стапи на сила.

– Вонредните политики во вонредна состјоба ќе можат полесно да се донесуваат. Ве уверувам дека ќе ја совладаме вонредната состојба, професионално со сите државни ресурси, спроведувајќи ги сите законски прописи за успешно справување и спречување на ширење на коронавирусот – смета Спасовски.

Најстроги санцкии за сите кои нема да ги почитуваат мерките, повтори Спасовски, кој кажа дека сите одлуки донесени во врска со вонредната состојба, ќе бидат веднаш соопштени.

– Потребно е да се однесуваме одговорно, почитувајќи ги мерките и препораките кои се за наша лична заштита и заштита на нашите семејства. Во услови на вонредна состојба ќе покажеме дека дисциплинирано секој од нас, сите државни и приватни институции, сите граѓани, секој одделно сме посветени за општо добро – потенцираше тој.