Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со Мирослав Томан, амбасадорот на Чешката Република во Македонија.

На средбата, премиерот Спасовски, изрази благодарност во негово име, во име на Владата и на граѓаните на нашата земја, за донацијата од Чешка, од еден милион хируршки маски, донесена пред три дена, на 10-ти април 2020 година, нагласувајќи дека таа ги одразува одличните пријателски односи меѓу двете држави.

– Оваа конкретна голема помош од Чешка што се реализираше брзо и навремено е исклучителен гест на пријателство и соработка и потврда дека односите меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република се на највисоко ниво. Во вакви околности со какви што е соочен светот, секоја помош е добредојдена. Чешката Република, како за време на мигрантската криза, кога пружи меѓу најголемите поддршки на нашата држава и сега ги покажува пријателството и солидарноста на дело. Посебно ја почитуваме поддршката што доаѓа и од ЕУ и од НАТО земјите членки. Само заедно можеме да ја надминеме пандемијата со којашто се справува светот – рече премиерот Спасовски.

На состанокот се пренесени поздрави од чешкиот премиер Андреј Бабиш и од министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, кои се заложиле донацијата кон нашата земја да биде испорачана во најкус можен рок, на што премиерот Спасовски упати возвратни поздрави и благодарност.

На состанокот се споделени искуства за пренамена на производства на компании, во двете држави, со цел обезбедување на потребната опрема за здравствените работници, полицијата, пожарникарите, службите за интервенција во државите, како и други искуства во справувањето со здравствено-економската криза.

Беше заеднички констатирано дека е од голема важност почитувањето на потребните мерки и донесените владини одлуки од страна на граѓаните, чие што одговорно однесување е значајно во надминувањето на кризата.

Споделени се и честитки за велигденските празници во државите, со верба дека светот, заедно и солидарно ќе ја премости пандемијата и ќе се врати на тековните активности во време во кое што кризата ќе биде надмината.