Фото: Игор Бансколиев

Според игуменот Партениј, пандемијата ќе заврши брзо, а со тоа животот ќе се нормализира, така што тој се надева на целосно реализирање на програмата за прослава на јубилеите на Бигорскиот манастир и на монашкото братство, која е богата и мошне содржајна. Во меѓувреме, тој преку „Нова Македонија“ со јавноста споделува некои од своите размисли, а до верниците ја испраќа и велигденската порака

Архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир

Во македонското духовно светилиште годинава, манастирот „Свети Јован Бигорски“, кога се одбележуваат двата големи јубилеја – 1.000 години од неговото основањето и 25 години од возобновувањето на монашкото братство, првпат празникот над празниците Велигден ќе се празнува во празен храм, без присуство на верници и почитувачи на македонското христијанско православие. Причината е позната. Но во Бигорскиот манастир, откога беа донесени мерките за заштита од пандемијата на коронавирусот, се наоѓаат монаси, искушеници, лица што се лекуваат од зависности и други. Иако посетите на манастирот за велигденските пости се намалени, односно има по неколкумина верници што претходно добиле благослов од игуменот, богослужбите редовно се одржуваат, манастирското секојдневие е непроменето и се разликува само во тоа што нема вообичаен интензитет на посетители.

Архимандритот Партениј, игумен и раководител на манастирите на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, ја објаснува состојбата.
– Ги благословив браќата и сестрите да се молат дури и повеќе, бидејќи молитвите во едно вакво време се насушни за сите. Згора на тоа, најголемиот дел од верниците не се во можност да присуствуваат на богослужбите, а нам монасите што живееме во божјите светилишта, основна должност ни е молитвата за сите. За да им овозможиме на верниците барем на некаков начин да им се придружат на нашите молитви, вршевме директен пренос на позначајните богослужби преку нашите официјални профили на социјалните мрежи. Имаше голема гледаност и многубројни души беа еднодушно слеани во заедничката молитва – објаснува отецот Партениј.

Во меѓувреме, монасите, искушениците и лицата што се лекуваат од пороците во Бигорскиот манастир, како и пред вонредната состојба, секојдневно, покрај молитвите, без одложување со ист интензитет ги извршуваат послушанијата: производство на раноградинарски култури под пластеници, производство на млечни производи од овчо, кравјо и козјо млеко, се работи во овоштарниците, пчеларството и во другите дејности на манастирската економија. Работниците, пак, кои се дел на манастирот, интензивно работат на поставување камени плочки на фасадата на гостинскиот манастирски конак и првите гости ќе ги прими на прославата. Градежните активности на проширување и реконструкција на пристапниот пат до Бигорскиот манастир од регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, како и изведбата на завршните работи на монашкиот конак во раичкиот манастир и на скитот „Св. Кирил и Методиј“ во долнореканското село Битуше, се стопирани додека трае пандемијата.

– Настојуваме да ги надминеме економските проблеми со кои се соочуваме од минатиот месец, кога беа воведени мерките за заштита. Секој ден за неколку десетици лица обезбедуваме по два оброка во услови кога не остваруваме никакви приходи – објаснува отец Партениј.

Ова што му се случува на светот со пандемијата на коронавирусот, архимандритот Партениј го објаснува на свој начин.

– Денес несомнено човештвото ја покажува својата крајна немоќ, гордиот и супериорен „натчовек“, самозамислениот „господар на светот“, сега, во 21 век, во екот на најголемата технолошка експанзија, го гледаме стуткан од страв, испаничен и немоќен. Се плаши и се крие од еден непријател, толку „голем“ што не е дури ни видлив за човечкото око. Гледате каква иронија?! И трагичното не е тоа што сега нè камшикува некоја казна божја – не, туку нè камшикуваат плодовите на нашите сопствени дела. А зошто е тоа така? Затоа што мнозинството луѓе се оддалечија од својот Отец и Творец. И сега ги жнееме плодовите на тоа оддалечување. Се оддалечивме од Бог, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе – толкува архимандритот.
Тој потсетува на една негова неодамнешна проповед.

– Кажав дека современата цивилизација во многу нешта личи на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да консумира сѐ што ќе види; доколку не успее да консумира баш сѐ, тогаш тој преостанатото го расфрла, уништува, го гази под нозете. Ја претвори планетата во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух. Желни за што поголема материјална заработка, работодавците безобѕирно ги принудуваат работниците да работат и во неделите, на празниците, не оставајќи им простор и време да отидат в црква да се помолат и да поминат малку повеќе време со семејството. Од друга страна, и многумина од работниците доброволно се согласуваат да работат на празници и прекувремено, за што поголема печалба, без да бидат свесни, и едните и другите, дека на тој начин прават дисхармонија во човечките души, во семејната клима, а со тоа и во целото општество – констатира отецот.

Архимандритот Партениј одговора и на тврдењата дека пандемијата е дел од некакви теории на заговор и предвидувања за крај на светот.
– Моето мислење е дека ваквите панични изливи се само заради сеење страв, несигурност и поматеност во мислите и срцата на луѓето. Тие немаат допирна точка со православното богословие, туку напротив го одвраќаат човекот од правилната насока на покајание и богомислие. Ваквата „апокалиптична теологија“ произлегува, главно, од одредени протестантски кругови од Америка и во Европа и, за жал, преку руската сколастика од 19 век, се вовлекла во религиозната мисла и на овие простори. А нашата православна теологија е теологија на Евангелието, на благата, радосна вест. Ние го чекаме прекрасниот наш Христос, а не некој друг – објаснува тој.

Инаку, за 18 октомври годинава е планирана централната прослава посветена на големиот, редок и уникатен по значење јубилеј – 1.000 години од основањето на Светата бигорска обител и на 25-годишнината од возобновувањето на монаштвото во Бигорскиот манастир. Според игуменот Партениј, пандемијата ќе заврши брзо, а со тоа животот ќе се нормализира, така што тој се надева на целосно реализирање на програмата за прослава на јубилеите, која е богата и мошне содржајна.
Во меѓувреме, архимандритот Партениј преку „Нова Македонија“ до верниците и духовните чеда ја испрати и велигденската порака.

– Оваа година, Бог допушти никаде во светот да не може да има масовна прослава на Неговото воскресение. Причините се познати. Тој нè повикува на поголемо покајание и себеиспитување, на враќање на човекот кон човечноста, на поголема почит кон Творецот и кон севкупното Негово создание – порачува игуменот на Бигорскиот манастир.