Состојбата на првата пациентка од Дебар кај која што беше дијагноситициран коронавирус во исто време со нејзиниот сопруг, ѝ се влошува и од утрово е приклучена на машина за механичка вентилација со соодветната терапија, информира министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој, исто така, кажа и дека првозаразената пациентка во државава, во понеделник ќе биде пуштена од болница на домашно лекување.

Министерот рече и дека меѓу новите четири случаи од Дебар има 15-годишно момче.

Тестовите на шестмината од Дебар и странецот сè уште не се готови, а непосредно пред пресот, уште двајца наши државјани кои дошле од Шпанија се тестираат за коронавирус.

Резултатите ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.

Филипче информира дека во Скопје нема нови луѓе во карантин поврзани со директорката на Клиниката за кожни болести која е заразена со коронавирус.

На Инфективната клиника хоспитализирани се девет лица, заедно со првата пациентка која во понеделник ќе биде пуштена. Денеска на клиниката ќе бидат сместени и четворицата нови заразени кај кои вчера беше потврден вирусот. Од вкупниот број заразени, една пациентка е од Скопје, а останатите се од Дебар.