Токму во ваквата констелација на вонредни и воени состојби се наметнува прашањето дали во кризни ситуации
на површина испливува еден вид поделеност меѓу луѓето, ривалитет, па дури и потешки облици на соперништво, кога излегуваат инстинктите водени од исконскиот нагон за животот и желбата да се опстои

Пандемијата на ковид-19 го покажува и другото лице на луѓето

Во време кога ширењето на вирусот ковид-19 зема сè поголем замав во светот, но и во Македонија, растат и реакциите на обичните граѓани, кои се жалат дека поради редуцираните капацитети не можат да ги завршат ниту основните работи.
Повеќето државни институции работат со скратено време, капацитетите се десеткувани, а функционирањето на обичните граѓани е практично невозможно.
Тие реагираат дека во некои единици на локалната самоуправа, но и во други државни институции, на работа се само чуварите и понекој вработен на шалтер, а кога ќе побараат средба со некој од шефовите или раководителите, им велат дека тие се на одмор или, пак, на боледување.
Токму ваквиот однос го наметнува прашањето дали во кризни ситуации на површина испливува еден вид поделеност меѓу луѓето, односно токму тогаш излегуваат инстинктите водени од исконскиот нагон за животот и желбата да се опстои.
– Имав итна потреба да извадам документ од локалната самоуправа, но ме вратија оти раководителот бил на боледување. Навистина не е коректно сега кога ми е најпотребно да не можам да завршам работа. Знам дека државата се соочува со епидемија на коронавирусот, но нема причина некои работи да не функционираат – вели Драган С. од Скопје.

Според него, исто така е симптоматично што во секоја криза пониските социјални општествени слоеви се први на удар, а оние од повисоките во повеќето случаи се во „заветрина“. На пример, во конкретниот случај, раководителите или земаат одмор или, пак, се на боледување.
– Солидарноста отсекогаш ни била многу ниска. Така беше и за време на конфликтот во 2001 година. Синови на раководители, директори, па и на некои политичари уживаа на грчките плажи или по терасите на елитните градски кафулиња, додека оние,што нашиот народ ги нарекува „без вода во очите“ беа мобилизирани и испраќани во кризните жаришта. Секогаш било така – додава Драган С.
Се жалат и некои од вработените, кои од страв да не го загубат работното место секојдневно мораат да одат на работа и да бидат во непосреден контакт со граѓаните.
– Мене никој не ме ослободува од работа, морам да бидам на работното место. На интернет-страницата на институцијата има прецизни инструкции за граѓаните донесени поради препораките на Владата поврзани со коронавирусот, но некои од граѓаните не ги погледнале и доаѓаат тука и се расправаат со нас зашто не им е завршена некоја работа, го бараат шефот, тој не е на работа и целиот бес го истураат врз нас – вели вработена во една локална самоуправа, која посака да остане анонимна.

Од Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) немаат информации за некакви отсуства на раководители, но посочуваат дека локалните самоуправи сами се организираат околу начинот на работа.
– Сите институции работат во согласност со владините препораки. Секоја локална власт се организира на начин како што смета дека најдобро би функционирала. Тие самостојно одлучуваат како ќе работат и тоа треба да го објават за да можат граѓаните да бидат навремено информирани – вели Весна Арсовска-Динковска од ЗЕЛС.

Од друга страна, што се однесува до медицинскиот персонал, доктори, медицински сестри, болничари и вработените поврзани со овие дејности, многу анкетирани граѓани изразија исклучително пофални зборови за нивната работа и заложби. Имено, и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат нагласуваат дека во рамките на контролите што ги направиле немаат забележано некакви отсуства на доктори од работа.

– Инспекторатот постапува по препораките на Владата за справување со коронавирусот, направени се контроли и досега нема никакви забелешки за евентуални отсуства – вели Ирина Бухова од Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство.

Државата последниов месец се соочува со криза што се случува можеби еднаш во 100 години, па од тие причини се важни меѓусебната солидарност, дисциплина и коректност меѓу сите. Намерните отсуства, избегнувањето на одговорноста и бегањето од обврските создаваат револт кај оние што пожртвувано си ја вршат својата работа по цена и на своето здравје. Токму тие, обичните луѓе, се оние што врз своите плеќи ја понесуваат секоја криза, но на крајот ја плаќаат и највисоката цена.