Пратениците денеска ќе расправаат за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за основно и средно образование, по скратена постапка.

Измените не се од голем обем и сложеност и овие законски измени се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес во текот на училишната година, како што неодамна нагласи министерката за образование и наука Мила Царовска, во образложението на законите за основно и за средно образование.

Измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование предвидуваат учебната година, во услови на вонредни околности, да може да започне и да заврши во различно време, за што треба да одлучи Владата. Како вонредни околности се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на Македонија или на нејзин дел.

За времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование исто така ќе одлучува Владата.

Во услови на вонредни околности се предвидува и училиштата да организираат воннаставни активности за учениците, за учество на кои наставникот треба да води само евиденција за присуството на учениците, и не се издава додаток на сведителство.

Кога наставата во основното училиште е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.