Се очекува сумата за поледните два месеци што ќе треба да ја платат родителите да биде 521 денар / Фото: Игор Бансколиев

Некои градинки ги информирале родителите за тоа колку треба да платат, а други посочиле дека сѐ уште не добиле конкретни препораки за утврдување на цената на услугата. Во меѓувреме, за некои од децата што редовно оделе во градинките до 11 март, до кога тие работеа, сметките се различни

Родители на деца што ги посетуваат градинките во земјата реагираат за различните парични износи што треба да ги платат додека нивните деца изминатите два и пол месеци не ги посетуваат овие установи, поради мерките за заштита од коронавирусот. Информациите што ги добиваат од надлежните во градинките за висината на надоместокот ги збунуваат и различните искуства ги споделуваат на социјалните мрежи. Исто така, родителите на социјалните мрежи се прашуваат дали ќе треба да платат и за дополнителните активности, кои нивните деца претходно ги посетувале, како странски јазик и физичко воспитување. Од градинките добивале различни одговори, а често воопшто немало одговор.

– За март требаше да платиме нешто повеќе од 500 денари, зашто првите десетина дена детето одеше редовно во градинка. Не знаеме која ќе биде сумата за следните два месеца, април и мај, кога детето воопшто не посетуваше градинка. Најавите се дека ќе платиме околу 520 денари. Некои мајки велат дека им стигнала сума од 820 денари, а некаде 1.050 денари – посочуваат родителите.
Според нив, државните институции треба да ја земат предвид ситуацијата со коронавирусот и во рамките на економските мерки да го олеснат овој надоместок од семејниот буџет.
Она што е очигледно е дека различни градинки и општини различно ја определуваат цената за овој период.

Некои градинки ги информирале родителите за тоа колку треба да платат, а други посочиле дека сѐ уште не добиле конкретни препораки за утврдување на цената на плаќање.
Затоа, за децата што редовно оделе до 11 март, до кога работеа овие установи, сметките се различни.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека општините како основачи на детските градинки се тие што ќе треба да ја утврдат цената на услугата.
Од Општина Центар велат дека Советот на општината сѐ уште не донел одлука по ова прашање.

– До Советот се доставени препораки од управниот одбор на градинките за утврдување на надоместокот што би требало да го платат родителите за изминатиот период кога во сила се мерките за заштита од коронавирусот. Одлуката сѐ уште не е донесена, се надеваме дека наскоро ќе се случи тоа – посочуваат од скопската општина Центар.
Ружица Биџовска, директорката на детската градинка „13 Ноември“ во Центар, вели дека го чекаат одговорот од Општината, но дека очекуваат сумата за последните два месеци што ќе треба да ја платат родителите да биде 521 денар, пари што ќе се искористат за режиски трошоци на установата и за нејзина дезинфекција.

[email protected]