Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Четворица од обвинетите го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола се движеле на различни локации во и околу Струга, а петтиот неколкупати ја напуштал собата во државниот карантин во кој бил сместен и се расправал со полициските службеници.

– Дваесетгодишен скопјанец, се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга. Но, на 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата – информираат од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.​