Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 20 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

За 19 обвинети обвинителството поведе постапка затоа што не го почитувале полицискиот час и биле затекнати како се движат на различни локации во градот.

Еден од обвинетите не ја почитувал наредбата за задолжителна самоизолација, донесена како мерка за спречување и сузбивање на заразната болест ковид-19.

Надлежните јавни обвинители на Основниот кривичен суд Скопје му предложија за секој од обвинетите да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.