Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска во Министерството за внатрешни работи оствари работна средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој со висока делегација на Унгарија е во официјална посета на нашата држава.

Во рамки на средбата од страна на унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто официјално беше предадена донација за Министерството за внатрешни работи која се состои од 100.000 маски и 5.000 заштитни едноделни одела.

Чулев изрази благодарност за донацијата која доаѓа во вистински момент за министерството и е наменета за полициските службеници чија улога во справувањето со коронавирусот е од исклучително значење за државата.

Тој се заблагодари за учеството на унгарските полициски службеници во заедничките операции на јужната граница, кои со својот професионализам активно учествуваат заедно со македонските колеги во борбата против илегалната миграција.

Двете страни разменија информации за мерките што се преземаат за справување со пандемијата и заеднички се согласија дека поддршката што доаѓа од страна на Унгарија е значајна за нашата земја и истата е потврда на пријателството и добрите односи кои во континуитет ги градат двете земји.

Денеска Сијарто пристигна на скопскиот аеродром, по што се сретна и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.


Димитров: Унгарската помош е демонстрација на европската солидарност

Единствено преку солидарност, координирани напори, соработка и размена на добри практики и знаење, ќе излеземе од овој тунел, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој денеска оствари средба со неговиот унгарски колега, Петер Сијарто, во рамки на неговата посета во земјава.

Главен фокус на средбата беше ставен на конкретната поддршка која Унгарија ја упатува на Македонија во контекст на борбата со справување со пандемијата, како и севкупниот европски одговор при справување со овој тежок глобален предизвик и ублажување на последиците.

Истовремено беа разгледани и европските перспективи на Македонија особено по позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување пристапни преговори.

– Ја цениме денешната конкретна помош од Унгарија за справување со пандемијата, која е вистинска демонстрација на европска солидарност. Благодарни сме и за конзистентната поддршка на нашиот ЕУ и НАТО пат. Голема беше честа што неодамна ја имав да ја претставувам Северна Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот Совет во формат на министри за надворешни работи, заедно како сојузници со останатите земји членки меѓу кои и Унгарија – рече Димитров.

Од страна на гостинот беше поздравено зачленувањето на Македонија и позитивната одлука за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

Двајцата министри се договорија меѓусебно да соработуваат во напорите за репатријација на унгарските и македонските државјани затекнати во странство.