Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) смета дека една од мерките предложени од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, која се однесува на намалување на платите во јавниот сектор на ниво на минимална плата во овој момент е избрзана и би ги скратила основните потреби на голем дел од населението.

Според СКРМ донесувањето на такви радикални мерки по грбот на обичниот граѓанин, логично е да следува по претходно спроведени анализи и консултации со сите засегнати страни, во подолг период на криза во државата.

– Платите на вработените во културата и онака не се на завидно ниво и вакво драстично двомесечно намалување, ќе предизвика штета на подолг рок – велат од Синдикатот.

Од таму предлагаат кратењето на платите да се одвива процентуално, во зависност на висината на платите или како праг да биде земена просечната плата, а не минималната плата, вработените во културните и уметнички институции кои одработуваат 40 часа неделно и во времето на кризата, да не подлежат на мерките за намалување на платата (најчесто персонал за обезбедување и одржување на објектите); вработените кои се самохрани родители да не подлежат на мерките; вработените кои имаат хронични болести или се родители на дете со хронична болест да не подлежат на мерките; вработените кои имаат три или повеќе деца да добиваат дополнителна финансиска помош; бремените жени исто така да не подлежат на мерките, бидејќи овие мерки ќе имаат реперкусии на примањата кои ќе ги добиваат во боледувањето; освен одложувањето за плаќање на кредити од страна на банките, бараме замрзнување на киријата за станување за оние вработени кои живеат во изнајмени станови и намалување, одложено плаќање или плаќање на рати на режиските трошоци за време на здравствената криза;

– Вработените во културата, како и во останатите јавни сектори, се во најголем дел луѓе кои имаат поптпросечни примања, немаат заштеди, ниту повеќе извори на прилив како што имаат сопствениците на големите компании во приватниот сектор и ние можеме само да помогнеме на економијата, но не и да ја спасиме, за разлика од граѓаните со високи месечни примања. Се надеваме дека ќе Владата ќе ја има предвид нашата моментална финансиска состојба пред да ги донесе овие предлог мерки и да го доведе јавниот сектор на колена и со тоа да остави оние кои и во нормални услови тешко преживуваат, да го понесат најголемиот товар на општеството – велат од СКРМ.