Вработен на Клиниката за кардиологија пројавил симптоми на коронавирус, информираше на попладневната прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче.

Вработениот немал комуникација со лицата кои се хоспитализирани на клиниката, туку работел во делот каде пациенти доаѓале за интервенција на срцето, соопшти министерот.

– Имавме случај на Клиниката за кардиологија. Еден од членовите на резервниот тим практично на работа пројавил симптоми. Ова е случка во делот на ангио салата, каде нема лежечки капацитети, туку дел каде пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето – рече Филипче.

Тој е дециден дека ќе има санкции ако некој свесно доаѓал на работа, иако имал симптоми на коронавирус.

– Во тој дел, лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени поради што таква е технологијата на работа. Но, доколку се потврди дека некој на работа свесно одел, а имал симптоми, тука ќе следат санкции – потенцираше министерот.