Фото: Маја Јаневска-Илиева

Универзитетските професори сметаат дека држењето испит онлајн нема да даде објективен резултат. Според нив, ништо не може да го замени полагањето лице в лице, кое го сметаат за најреално. Се надеваат дека условите ќе дозволат да се даде јули како испитна сесија

СТУДЕНТИТЕ ЌЕ БИДАТ ОЦЕНЕТИ КОГА ЌЕ СЕ СОЗДАДАТ УСЛОВИ

Изминативе два месеца студентите следат онлајн-настава. Професорите им го предаваат материјалот предвиден со распоредот. Предизвиците се поголеми на факултетите на кои практичните вежби се клучни за формирањето оценка, а сега поради вонредната состојба нема можност да се работи во лабораторија.
Проф. д-р Виктор Стефов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет вели дека онлајн-настава има, но сѐ уште не се знае како ќе се спроведе полагањето испити.

– Одржуваме настава на Зум, сега сме на Мајкрософт тимс и добро функционираме. Но не сме сигурни што ќе се случува со полагањето испити. Ние сме хемија, вежби нема периодов. А кај нас практичните вежби се клучни бидејќи поголемиот број предмети се со вежби поврзани. Со колоквиумите нема да има проблем, но со вежбите имаме страшен проблем. Сите се надеваме дека до јуни состојбата со коронавирусот ќе спласне, па дека ќе се создадат услови. Сметаме дека држењето испит онлајн нема даде објективна оценка. Поинаку е кога ние професорите ги слушаме во живо студентите, тогаш полагањето е најреално. Се надеваме дека и јули ќе се даде како испитна сесија. Инаку има проблем и со дипломските работи, тие се врзани со практична работа – вели професор Стефов.

Неговиот колега од Факултетот за ветеринарна медицина, продеканот проф. д-р Игор Улчар, информира дека има одлука на ниво на факултет за тоа како функционира институцијата во вонредна состојба. На овој факултет има околу 100 студенти во сите години.
– Додека трае оваа состојба, наставата се изведува онлајн. И студентите сакаат испитите да се одржуваат лице в лице, затоа ќе се чека за тоа да се создадат услови. Практичната настава е многу важна. По предметот Хирургија студентите гледаат операции на животни на Зум. Кога веќе не можат да учествуваат, имаат можност да видат како се изведува – вели професорот.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии студираат околу 1.300 студенти. Деканот проф. д-р Димитар Ташковски за „Нова Македонија“ вели дека иако наставата редовно и по распоред се одвива онлајн, засега нема услови да се полагаат предметите.

– Со полагање ќе се оди кога сево ова ќе заврши. Нам ни е битно студентите за испит да се присутни на факултетот. Полагањата треба да се одвиваат под еднакви услови за сите, затоа што само така ќе бидат и објективни оценките. Не смее да има привилегирани студенти. За одредени предмети правиме некои тестови, но тоа е далеку од она што треба да биде испит. Наставата завршува на 22 мај, потоа имаме лабораториски вежби. Дипломските и магистерските трудови не ни се проблем, бидејќи студентите имаат комуникација со професорите во текот на нивната подготовка, па самиот чин на одбрана, повеќе е свечен чин. Тие се одвиваат исто така онлајн – вели проф. Ташковски.

Со одлука на Министерството за образование и наука, матурантите оваа година нема да полагаат државна матура, која до лани беше услов за упис на факултет. На оние факултети каде што конкуренцијата при упис е поголема, ќе се одржат квалификациски тестирања. 


Средношколците ќе се оценат, но објективноста е под голем прашалник

Министерството за образование и наука изработи упатство за оценување, кое професорите треба да го следат при тестирањето и проверката на постигнувањата. Професори во средни училишта велат дека веродостоен резултат не може да се очекува. Професорката Флорита Ерновска предава македонски јазик во училиштето „Здравко Цветковски“ и вели дека предметот бара да се види и усното изразување, кое во овие услови не може да се обезбеди.

– Предметот е таков, се бара да се видат правилен изговор и критичко размислување. Но правиме писмени работи на зададена тема, а тие ми ги праќаат на мејл. Со тоа што мора да се има предвид дека сѐ е субјективно. Има многумина што гледаат да се снајдат, се забележува дека има и преписи. Не може истиот погрешен одговор да ми го дадат 30 деца. Нема шанси објективно да се оценат. Сепак, во завршната оцена ќе влезат полугодишната оценка, оценката од тромесечја, со тоа што на крајот ќе се прави и годишен тест, кој треба да биде едно заокружување на сѐ што научиле тие – вели Ерновска.
Нејзина колешка од една скопска гимназија вели дека има насоки од министерството како да се проверат знаењата.

– Секој професор индивидуално работи, некој преку презентации, некој прави онлајн-тестови, а некој, пак, во групи им дава да работат на проекти. Веродостојност на резултат не може да се очекува. Квалитетот не е тој како во училница, но и другиве европски и светски образовни институции го имаат истиот проблем. Секаде е паднат квалитетот на оценувањето во овој период. Не може да се очекува некоја објективна оценка, но ако се земе и психолошки и емотивно, децата се навистина „паднати“. Летаргични се, апатични и демотивирани. Не може да сработат нешто до некаква перфекција – истакнува професорката.
Таа додава дека средношколците изработуваат задачи на темите за кои им испраќа материјали.

– Прават проекти што се во корелација со актуелно некое прашање. Тоа е некој мост меѓу материјалот и актуелните трендови, култура. Нема потреба од класичен тест или писмена работа, тоа е само дополнителен стрес. Секако и тој тест не е објективен, не можеме да очекува објективен резултат бидејќи тоа е далеку од стандардниот процес – вели професорката.