Се чекаат резултати од нови 20 тестови за коронавирус направени во Дебар и Центар Жупа, во текот на вчерашниот ден. За ова информираше градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука, според кого, бројката на инфицирани од коронавирус е непроменета. Тој посочи дека ќе бара пункт за тестирање од коронавирус во Дебар, откако министерот Венко Филипче, соопшти дека пунктови ќе бидат поставени низ повеќе градови.

– Имаме 43 инфицирани, починаа 2 лица, 13 се на лекување на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а 28 се на домашно лекување. Вчера се земени уште 20 брисеви во Центар Жупа и Дебар. Во домашната изолација е 210 лица, кои се редовно се контролираат од МВР, за да нема движење по улиците, а ги посетуваат и медицинските екипи – посочи Дука.

Тој појасни дека Дебар ќе бара пункт за тестирање на граѓани за коронавирус, бидејќи Дебар е главно жариште.

– Денеска ќе пратиме барање за пункт за тестирање на коронавирус. Најавено е отворање на пунктови низ цела Македонија, а во Дебар, каде е главно жариште, нема. Ќе бараме и медицински апарати кои се важни за следење на епидемијата и третирање на болните во нашиот град – додаде Дука.

Според него, во тек е реализација на барањето за гинеколог и анестезиолог, како и медицински техничари кои треба да работат во Дебар. Во однос на препораките од Влада, Дука вели дека тие главно се почитуваат.