Фото: Игор Бансколиев

Во услови кога насекаде се затвораат границите и се запира сообраќајот, се прават напори македонските државјани што се блокирани низ светот, преку Австрија, да бидат вратени во земјава

Во текот на завчерашниот ден во земјава влегле 2.017 македонски граѓани и 807 странци, а излегле вкупно 2.278 лица, од кои 951 се македонски граѓани, а 1.327 странци. Најмногу од овие лица се возачи на камиони. Ова се последните информации што вчера ги истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, во однос на тоа колку македонски и странски граѓани ја напуштиле државата или, пак, влегле во неа.
Сите македонски државјани што се во странство а немаат постојан престој во некоја од државите каде што се затекнале ќе имаат можност да се вратат во Македонија само доколку се пријават до дипломатско-конзуларните претставништва и откако Министерството за надворешни работи ќе направи целосна анализа и евиденција за нив, но и за начинот како да бидат транспортирани во земјава, бидејќи границите во Европа се затворени, а Македонија нема национален авиопревозник што може да го изврши транспортот. Точната бројка за тоа колку луѓе сакаат да се вратат во земјава, МНР требаше да ја утврди вчеравечер, откако до 17 часот требаше да се направи пресек на пријавените лица.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека прават напори преку Австрија и компанија „Аустриан ерлајнс“ да ги донесат во Македонија.
– На пример, има информации дека 150 граѓани наводно се затекнати во Барселона, додека во овој момент во Амбасадата на Северна Македонија во Мадрид има само 16 пријавени. Затоа, апелираме за итна регистрација на македонските граѓани затечени во странство, особено оние што немаат регулиран престој и поради вонредно тешките околности насекаде, откажани летови и затворени граници, немаат начин како да се вратат дома. Се обидуваме да најдеме правилен начин да им помогнеме да се вратат, но секој сериозен напор претпоставува точни информации – објасни вчера Димитров.

Тоа, како што посочи, значи сите ажурно да се пријават на електронските адреси на дипломатско-конзуларните претставништва, кои се достапни на сајтот на МНР, а потребните податоци се: име и презиме, број на патна исправа, контакт-телефон, земја и град каде се наоѓаат и дали имаат регулиран престој во која било странска држава.

Според МВР, се размислува за продолжување на законскиот престој на странски државјани што се затекнале во земјава, како што е случајот со лица во Дебар и во Центар Жупа.
Министерот Чулев кажа и дека се засилуваат контролите во Шуто Оризари, каде што, според некои информации, има лица вратени од Италија, но до вчера немало ниту една пријава.
Инаку, бројот на заболени од коронавирусот во земјава до вчера попладне беше 48 лица. Сите пациенти беа во стабилна состојба.


Тестирања за сите со ризик

За да се спречи локалната трансмисија на коронавирусот и за подетален скрининг на населението, ќе се прави тестирање на сите сомнителни лица што стигнале од некоја од високо и средноризичните земји, имале контакт со заразен или, пак, со некој што бил во контакт со заболен, иако ги немаат сите симптоми на заболен од коронавирус, најавија од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека има јасни индикации што значи тој масовен скрининг.

– Да се уловат групите на луѓе што можеби се во фаза на инкубација, а во овој момент не се свесни дека се позитивни, а може да ги идентификуваме, во согласност со проверката на нивната комуникација изминатите денови. Тоа веќе се прави, за тоа треба добар план, на кој епидемиолозите веќе работат – нагласи Филипче.
Ова одлука следува откако Светската здравствена организација ги повика сите земји да ја прошират програмата на тестирање како најдобар начин да го забават напредокот на пандемијата со коронавирус. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, ги критикуваше некои нации дека не сториле доволно за откривање и ограничување на смртоносниот коронавирус, со кој се заразени повеќе од 174.000 луѓе низ целиот свет.

– Имаме едноставна порака до сите земји: „Тестирај, тестирај, тестирај“. Тестирајте го секој сомнителен случај, доколку се позитивни, изолирајте ги и откријте со кого биле во контакт два дена пред да развијат симптоми и тестирајте ги и тие луѓе. Без тестирање, случаите не можат да бидат изолирани и синџирот на зараза нема да биде прекинат – порача тој.

Тестирањата може да се извршат на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Примероци за тестирање може да бидат земени и од инфектолози во центрите за јавно здравје во другите градови, кои потоа се доставуваат во лабораторијата на Инфективната клиника во Скопје. Само резултатите од таа лабораторија се сметаат за релевантни, зашто се унифицирани и потврдени од лабораторија од Германија. Оние, пак, што се тестираат во приватните болници во Скопје, а резултатите им покажуваат дека се позитивни на коронавирус, мора да го повторат испитувањето на Клиниката за инфективни болести.