Секретаријатот за европски прашања соопшти дека во првиот бран од здравствената криза Македонија не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ.

– Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина донации во борбата со ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн.), кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот што беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат – стои во образложението на СЕП.

Од таму додаваат дека во април 2020 година Европската Унија одлучила да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната од пандемијата на ковид-19 и кон земји што не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд, како што велат, зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи што земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од ковид-19.

Велат дека информацијата за начинот за аплицирање за користење на таа помош била разгледана и усвоена на владина седница. Но, по обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори во врска со ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, било констатирано дека Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на средствата на европскиот фонд.

– Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарда евра (цени од 2011 година) или 0,3 % од националниот бруто-доход (БНД) на потенцијалната земја апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија, овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и тој не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евро.

За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или, пак, прогласила вонредна состојба – додаваат од СЕП.