Фото: Каролина Мицевска

Денеска во општина Прилеп се регистрирани седум нови случаи на лица заболени од ковид-19, плус по еден случај во општините Долнени и Кривогаштани, информираат во писменото известување од општина Прилеп.

На Инфективното одделение во прилепската општа болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 19 лица позитивни на коронавирус. Двајца од нив се на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Четири пациенти се сомнителни на коронавирус, земен им е брис и се чекаат резултати. Во самоизолација се наоѓаат 334 лиц.

Во текот на изминатото деноноќие, 3 лица не го почитувале полицискиот час, заради што ќе им биде поднесена соодветна пријава.

Денеска Општина Прилеп подели 15.000 бесплатни заштитни маски. Од нив, 10.000 маски им беа дистрибуирани на претседателите на урбаните заедници, 3.000 маски на Здружението на пензионери, 500 на Здружението на инвалидски пензионери, а останатите им беа поделени на граѓаните кои беа затекнати пред банките, маркетите, градскиот пазар и старата чаршија.

Од денеска со одлука на Владата е задолжително носењето на маски во Прилеп. Првично ќе има опомени, па ќе следуваат казни за непочитувањето на мерките.

Двајцата заболени од општините Долнени и Кривогаштани, се жители на населените места Заполжани и Боротино.

Ка.М.